Руски репрезентативец откри зошто не дојде во Вардар пред седум години!

Еден од ракометарите кој македонската ракометна јавност го запозна на кадетското Светско првенство во 2007 година во Охрид и Скопје – Русинот Самвел Аслањан, пред седум сезони беше пред потпис со Вардар.

Тогаш тренер на „црвено-црниот“ тим беше Веселин Вујовиќ, а пред да дојде Владимир Птериќ, Вујо го посакуваше Аслањан. Рускиот десен бек тогаш заминуваше од Чеховски Медведи во потрага по поголема минутажа, но причината што не се пресели во Скопје е семејна.

„Ми стигна понуда од Вардар. Но тоа беше друг Вардар, пред да пристигне Самсоненко. Планирав да потпишам, но во последен момент одбив. Мислев дека во Перм ќе ми биде подобро. Само што ни се роди бебе, а не е лесно да се преселиш во странство со семејството кога си во таква ситуација“, изјави Аслањан за рускиот „Брз Центар“.

На Аслањан уште низ настапите за младинските селекции за Русија му се предвидуваше блескава иднина. Иако беше сметан за подобар и од Игропуло и од Камањин, сепак ниту Владимир Максимов, ниту Олег Кулешов не го користеа многу во сениорската селекција.

Во 2013 наместо во Вардар замина во Пермски Медведи, каде играше три сезони, а во 2016 потпиша за Спортинг, но во Португалија се задржа само полусезона. Сега игра во Романија за Стеауа Букурешт, а претходно беше дел и од ЧСМ Букурешт една сезона.