Романците бесни на Риде: Наместо на тренинг, си заминал на прошетка со сопругата!

Селекторот на репрезентацијата на Романија, Томас Риде е на удар на јавноста во земјата. Ослабени заради допинг скандалот, Романките остварија слаб резултат на првенството кое го завршија на 12. место од кое никако не можат да бидат задоволни и тоа е една од причините која може да биде клучна за разделбата со селекторот.

Исто така голем гнев Риде привлече на Светското првенство кога наместо на тренинг пред натпреварот со Шведска тој замина во прошетка и разгледување на Кумамото со својата сопруга. Според медиумите во Романија, се чека техничката комисија која ќе одлучи дали Швеѓанецот ќе остане на клупата до јуни кога му истекува договорот или ќе биде сменет.

Романија на Мундијалот во Јапонија ја помина прелиминарната фаза но во главната рунда забележа три убедливи порази што беше доволно за 12. место и жестоки реакции на домашната јавност. Сепак Романките ќе играат на Олимпискиот квалификациски турнир во Црна Гора затоа што на претходното ЕП стигнаа до полуфинале водени од Амброс Мартин. За пласман во Токио ќе се борат со домаќинот на турнирот, Норвешка и Кореја.