Романија даде силен отпор, но Холандија се радува на прв триумф

Селекцијата на Холандија одигра според планот и ја оправда фаворитската улога против Романија. Избраничките на Пер Јохансон славеа против Неагу и колешките со 29-28. Иако победникот можеа да го решат многу порано, сепак во финишот Холанѓанките мораа добро да се испотат.

„Лалињата“ отворија со водство од 6-3, но по советите на Флорентин Пера, Романките преку Серафичеану и Пинтеа набрзина се вратија во игра. Не само што израмнија, туку и поведоа со 7-6.

Холандија потоа израмни на 7-7 и до крајот на полувремето ја презема контролата на теренот. Беше 14-11 пред Бучески да погоди за 14-12 на пауза.

Веднаш на стартот на вториот дел Романија со два гола во серија израмни на 14-14 и најави дека ќе има возбудувања до самиот крај. Сепак нивната концентрација попушти и Холандија се одлепи на плус четири, 24-20 во последните десетина минути.

Чиука застана на романскиот гол место Хосу, фати неколку удари на Холандија и Романија на седум минути до крајот комплетно се враати во игра, 25-25. Кога требаше да го направат завршниот чекор, Романките на два пати не реализираа, па казните стигнаа од Дулфер и Ван Дер Хејден за 27-25.

Беше и 28-26, а кога Малештајн реализираше пенал на стартот на последната минута веќе беше јасно која селекција ќе го освои полниот плен. Ван Дер Хејден даде седум гола, додека Малештејн беше стрелец на шест. Голманката Тен Холте имаше десет одбрани за победникот. Кај Романија се истакнаа Пинтеа, Грозав и Бучечи со по пет гола, а Неагу имаше само три гола од 11 обиди.

Во следното коло Холандија в понеделник ќе се соочи со Македонија од 18:00 часот, додека Романија ќе игра против Франција од 20:30 часот.