Ристовска и ЦСКА Москва ќе се борат за првата титула во Русија

Во дерби натпреварот од вториот полуфинален пар од плеј-оф фазата за титулата на Русија, ЦСКА Москва беше подобра од Лада Тољати со 29:28.

Поради денешната победа од еден гол разлика, ЦСКА Москва ќе игра во финалето од рускиот шампионат и ќе се бори за освојување на титулата. Првиот натпревар одигран во Тољати заврши без победник, 26:26.

На денешниот натпревар против Лада меѓу главните стрелци беше репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска која запиша четири погодоци од шест обиди.

Во финалето, ЦСКА Москва најверојатно ќе се соочи против Ростов Дон. Екипата на Ростов Дон има залиха од десет гола бидејќи на првиот полуфинален натпревар триумфираше против Астраханочка со 35:25.