Ристовска и Лазаров по една година пауза со камбек во Лигата на шампионите

Тимот на Нант, каде што игра македонскиот капитен Кире Лазаров, ќе биде вториот француски претставник во Лигата на шампионите. Француската федерација реши да го пријави Нант во ЕХФ, иако и Монпелје бараше место во елитната конкуренција.

Тоа значи дека Лазаров по една година пауза ќе се врати во Лигата на шампионите и ќе може да го подобри својот рекорд на постигнати голови.

По една година пауза, откако настапуваше за словенечки Крим, во елитното натпреварување место ќе има и за Сара Ристовска и нејзината ЦСКА Москва. Руската федерација го пријави овој тим како втор претставник после Ростов, откако второпласираната Лада Тољати реши да игра во Лигата на Европа.

Сепак местата на Нант и ЦСКА Москва во ЛШ треба да бидат потврдени од ЕХФ, но со оглед на конкуренцијата, повеќе од сигурно е дека ќе добијат позитивен одговор.