Рисовиќ собра 26 одбрани, Крим ја надигра ЦСКА Москва!

Денес се одиграа првите осминафинални средби од Лигата на шампионите во женска конкуренција.

Изненадување направи шампионот на Словенија, Крим, со победата над ЦСКА Москва со резултат 25:20. Ракометарките на Крим беа во водство во текот на целиот натпревар и предводени од голманката Рисовиќ која имаше дури 26 интервенции (57%) покажаа дека можат да се носат со далеку помоќни противници.

Најефикасна во составот на Крим беше Да Силва со осум погодоци, а во составот на ЦСКА Москва се истакна Полина Горшкова со четири погодоци. Македонската репрезентативка, Сара Ристовска на овој натпревар беше стрелец на два гола од 5 обиди. Реванш средбата се игра на 13 март во Москва.

Во романското дерби, ЧСМ Букурешт беше убедлив против Валчеа со 33:24. Избраничките на Адриан Василе одиграа квалитетен натпревар и предводени од Кристина Неагу покажаа повеќе желба за победа од противникот. Неагу ја предводеше листата на стрелци со 13 голови. Во составот на Валчеа, Кристина Лишчевиќ беше најефикасна со седум погодоци. Реванш средбата се игра на 13 март во Букурешт.

Екипата на Подравка немаше сили против рускиот шампион Ростов Дон и забележа пораз од 29:20. Русинките се фаворити за освојување на Лигата на шампионите и јасно беше кој ќе ја однесе победата од Копривница. Најефикасни во Ростов Дон со по пет погодоци беа Јулија Манагарова и Полина Кузнецова. Во домашниот табор, Дејана Милосављевиќ беше прв стрелец со шест погодоци. Реванш натпреварот се игра во Русија на 14 март.