Ривалот на Македонија во квалификациите за ЕП го прошири стручниот штаб

Репрезентацијата на Луксембург, која е еден од ривалите на Македонија во квалификациите за пласман на Европското првенство 2024, денес објави дека го прошири стручниот штаб.

Некогашниот голман на Металопластика, Рајко Милошевиќ е новото име во струшниот штаб на Луксембург и во репрезентацијата која е ривал на Македонија ќе работи како тренер на голманите.

Милошевиќ, кој во Луксембург пристигна во текот на 2015 година потпишувајќи за екипата на ХБ ЕШ, својата играчка кариера ја заврши во 2019 година, но и понатаму остана во тимот на ХБ ЕШ каде што моментално ја извршува функцијата тренер на голманите на младинскиот тим.

Поради неговата висока професионалност, раководството на ракометната федерација на Луксембург одлучи да му даде шанса во стручниот штаб на машката селекција.

Луксембург првиот квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство 2024, на кое домаќин ќе биде Германија, ќе го одигра токму против македонската репрезентација на 12/13 октомври во Скопје.

Ракометарите на Луксембург во квалификациите освен со Македонија ќе играат и со репрезентациите на Турција и Португалија.