Реми на Ростов и Кристијансанд, Норвежанките обезбедија билет за Будимпешта

Екипата на Вајперс Кристијансанд е третиот учесник на Ф4 завршницата во Будимпешта по денешниот четвртфинален натпревар од ЛШ против Ростов Дон кој заврши без победник, 23:23. Норвежанките патуваат во Будимпешта по убедливата победа на првиот дуел од 34:27.

Кристијансанд имаше фуриозен старт и водство од 6:1 по десет минути игра. Одбраната на норвешката екипа функционираше одлично и со помош на нивната голманка, Катрин Лунде веќе ги откажаа противничките ракометарки кои беа во трка со времето. Веќе во 15. минута од натпреварот Кристијансанд имаше водство од 8:3, а ракометарките на Ростов Дон со серија од неколку гола се обидоа да се вратат во игра и да го поправат лошиот старт кој наликуваше на веќе добиена битка на противникот.

Гостинската екипа во последните десет минути од првиот дел имаше мал пад во играта, па така Ростов ја искористи моменталната слабост и успеа да се врати во игра. На полувреме резултатот беше 12:11 за Вајперс Кристијансад.

Во второто полувреме, норвешкиот првак продолжи со одличната игра. Домаќинките со серија од неколку грешки и неискористени акции дозволија противникот целосно да доминира на теренот. Во 45. минута конечно публиката во Ростов Дон се израдува, откако Јулија Манагарова погоди за првото водство на нејзината екипа, 18:17. Во последните десетина минути се играше гол за гол.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Ростов Дон, Грас Заади со десет гола. Во составот на Вајперс Кристијансанд, Нора Мерк и Хајди Локе постигнаа по пет гола.