Рекордите постојат за да се рушат: Кире веќе не е сам на врвот

Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кирил Лазаров на Европското првенство во 2012 година во Србија постави рекорд со постигнување на 61 погодок. Сепак, од денеска повеќе не е осамен на вечната листа.

Сандер Сагосен од Норвешка денеска стигна до истата бројка, а со оглед на тоа што утре ќе игра натпревар во битката за 3. место против Словенија за очекување е да постави нов рекорд кој од утре ќе опстојува како најдобро постигнување на едно првенство.

На Лазаров во 2012 година му беа потребни седум натпревари за да дојде до бројката од 61 погодок.

Досега на овој шампионат Норвешка одигра осум натпревари, но Сагосен против Словенија не играше така што и нему за 61 гол му беа потребни седум дуели. Сепак, на осмиот утре на кој ќе настапи ќе има можност да постави нови  бројки кои ќе бидат запишани како рекордни.