Рајн Некар ќе биде домаќин на најдобрите во ЛЕ, Баја Маре организатор кај дамите

Европската ракометна федерација денеска ги објави домаќините на завршните турнири во Лигата на Европа во машка и женска конкуренција.

Кај мажите, тоа ќе биде Манхајм, односно тимот на Рајн Некар, кој треба по четвртфиналниот дуел со Чеховски Медведи да го потврди и своето место на Ф4.

Завршниот турнир во „САП Арена“ ќе се одржи на 22 и 23 мај, односно една недела пред завршниот турнир во женската ЛШ.

Кај дамите, организатор на завршниот турнир во Лигата на Европа, ќе биде романскиот Баја Маре. На 8 и 9 мај, таму ќе играат и унгарскиот Шиофок, францускиот Нант и данскиот Икаст Хернинг.

Ждрепката кај дамите веќе беше извршена, па така во полуфиналето ќе играат Шиофок против Икаст, додека Нант ќе се сретне со домаќинот Баја Маре. Кај мажите ждрепката ќе биде на 27 април.