Ракомет во Македонија ќе гледаат само вакцинираните!

Борбата со коронавирусот не е завршена, а уште отсега се најавува нов бран за наесен и потенцијални нови мерки.

Министерот за здравство, Венко Филипче, на дененшната прес конференција најави дека од есен многу веројатно без сертификат за вакцинација нема да може да се присуствува на спортски настани во затворен простор.

Тоа би значело дека на ракометни натпревари, во сала ќе може да влегуваат само вакцинирани луѓе.

„Опаѓа интересот на граѓаните да закажуваат термини за вакцинација, па затоа ние веднаш почнавме да спроведуваме теренска вакцинација. Во светот се појавуваат нови мутации на коронавирусот и потребна е масовна имунизација на населението. Свесни сме дека можеби интересот нема да се зголеми во следните неколку месеци, па затоа размислуваме за воведување некаква форма на рестрикција. На пример, вакцинален сертификат да мора да се приложи на сите настани со масовно присуство на отворено или на затворено. Тоа значи дека невакцинираните лица нема да можат да влезат на некој културен или спортски настан каде што присуствуваат повеќе луѓе“, изјави Филипче.

Штотуку завршената сезона во домашните шампионати се одигра без публика, а како ќе биде од септември останува да видиме.