Ракометните мешетари да го остават клубот на мир

Борбата за придобивање на млади ракометари одамна ги надмина границите на дозволеното, нормалното и регуларното. Се повеќе клубови се бунат за уцените, непристојните понуди и притисоците што ги имаат децата и нивните родители во намерата да се одоброволат односно потпишат за некој клуб.

Велешкиот прволигаш Бисинов Фруит Ленд реши јавно да ги прозве и „замоли“ оние што се намерачиле на нивните деца да ги оставаат на мир. Клубот лани се натпреваруваше во младинските лиги, а сега се пријави и во Прва лига.

„Во интерес на развојот на ракометот во Македонија ги информираме сите заинтересирани, а особено РАКОМЕТНИТЕ МЕШЕТАРИ да го остават РК БИСИНОВ ФРУИТ ЛЕНД и родителите на неговите малолетни членови на мир. Безобразно, а без причина, да ги разгоруваат емоциите на родителите ветувајки им се‘ и сешто, се вели во соопштението на клубот..

„ Со полна морална и стручна одговорност им ГАРАНТИРАМЕ на сите заинтересирани, родителите, МЕШЕТАРИТЕ и одговорните во нашата Федерација на која сме и благодарни за организираните Лиги во кои играат нашите членови дека децата во БИСИНОВ ФРУИТ ЛЕНД. ги имаат сите услови за развој. Ги имаат благодарение на повеќедецениска стручна работа и материјалната помош што последните години ни ја дава спонзорот со неговата фирма“

Лани клубот беше првак во пионерска конкуренција, а претходно беа прваци и во кадетска и младинска конкуренција.

„Како резултат на таа работа, од нашиот клуб денес во нашата Супер Лига и во странство успешно играат барем петнаесетина ракометари. во кои е вложен и децениски стручен труд. Плус уште толку играат во Првата Лига. Во оваа прилика имаме голема молба до нашата федерација со соодветни пропозиции да ги заштити помалите клубови, се вели во соопштението на клубот.

Велешани сметаат дека тие одат по вистинскиот пат, а тоа е создавање на играчи.

„Па прво создаваме играчки квалитет (ШТО Е МАКОТРПНО АМА ЕДИНСТВЕНО ИСПРАВНО ) и сега со финансиска помош на нашиот спонзор ќе целиме кон Супер лигата каде со сигурност ветуваме дека ќе стигнеме за неколку години и тоа исклучиво со играчи од нашиот клуб. На мешетарите им советуваме да си остручат тренери во своите редови зашто талентите се помеѓу децата, а нив ги има секаде, се вели во сооштението на Бисинов Фруит Ленд.