Ракометен маратон во Македонија – викендов ќе се одиграат 60 натпревари!

Претстојните неколку дена ќе бидат богати со натпревари и ќе се одиграат вкупно 60 во сите конкуренции во натпреварувањата под капата на Ракометната федерација на Македонија.

Најинтерсните битки ќе бидат во Купот на Македонија во машка и женска конкуренција, како и во Првата лига, бидејќи ќе биде познат последниот патник во плеј-офот за елитното друштво.

Во Купот кај мажите ќе има 12 натпревари, додека кај дамите ќе биде одигран еден помалку. Во Првата лига на програмата е последното коло од регуларниот дел, со седум натпревари.

Кај младинците ќе има седум меча, додека кај младинките ќе бидат одиграни два дуели. Во кадетска конкуренција, кај момците ќе бидат одиграни 11 меча, додека кај девојчињата ќе се играат четири натпрвари.

Во пионерска конкуренција се игра само кај момците, а таму на програмата се шест натпревари во две групи. Викендот на 25/26 март ќе стартуваат уште две групи кај пионерите, како и дуелите од пионерската лига во женска конкуренција.