Ракометар на Голден Арт направи трансфер во Германија

Еден од најталентираните млади пикери во Македонија и довчерашен член на Голден Арт, Петар Зафировски, својата кариера ја продолжува во германскиот клуб, Котбус, каде што ќе настапува заедно со ракометарот од Аеродром, Енес Идризи.

Зафировски веќе пристигна во Германија, одработи неколку тренинзи со екипата, а раководството на клубот даде високи оценки и одлучи ракометарот од Македонија да биде дел од тимот, кој важи за еден од најдобрите младински тимови во Германија и се натпреварува во младинската Бундес лига.

За Зафировски новиот предизвик претставува дополнителен мотив за докажување на своите способности, но и голема шанса да го покаже својот квалитет во земјата каде што ракометот е на високо ниво.

„Се одлучив да ја продолжам мојата кариера во Германија, пред сѐ поради квалитетот на ракометот и функционирањето на самиот спорт во оваа земја. За мене ова претставува голем чекор, но и предизвик. Условите тука се на највисоко ниво и има сѐ што му е потребно на еден млад спортист да го надградува својот успех. Одличниот тим на Котбус го дава најдоброто од себе, за да овозможи одлична иднина на младите ракометари како мене. Начинот на работа и градење квалитет е незаменлив и ѐ предводен од тренерот, Тончи Друшковиќ. Моите очекувања од ова искуство се да стекнам уште поголем квалитет, секако, со посветена работа, како и да ги остварам моите поставени цели и да го покажам мојот капацитет“, изјави Зафировски за 24 Ракомет.

17-годишниот ракометар своите почетоци во ракометот ги направи во школата на Металург, потоа играше во Аеродром, а од 2017 година настапуваше за Голден Арт. На почетокот на оваа сезона го потпиша првиот професионален договор со Голден Арт и беше во играчкиот кадар на екипата за натпреварите од Првата лига.