Радост во Свети Николе – Овче Поле направи сефте во Прва лига

Екипата на Овче Поле пред својата публика ја забележа првата победа, откако во неизвесен натпревар го совлада Бисинов од Велес со 29:27.

Натпреварот беше проследен со оцилации во играта кај двата табора, но домаќините во финишот предводени од Гичев, кој беше незадржлив на теренот, ја остварија зацртаната цел и го оставија клубот од Велес на дното на табелата во групата А.

Како што се и очекуваше, гостинот од Велес беше повеќе од рамноправен противник во првиот дел. Првите 30 минути донесоа многу неизвесност, пресврти, но и голем број на грешки на двете страни. Откако Овче Поле беше подобар во воведниот дел, по нерешениот резултат од 6:6 гостите од Велес поведоа со 7:6 и имаа три гола предност во два наврати, 10:7 и 11:8. Сепак, домаќините се вратија во игра пред крајот на првиот дел и по водството на Бисинов од 13:11, со два гола во низа израмнија на 13:13.

Бисинов до 40 минута успеа да одржи резултатска контрола од еден гол разлика и во последните дваесетина минути домаќините беа подобриот противник. По нерешените 17:17, ракометарите на Ѓорчев со серија од 3:0 се одлепија на 20:17 и до крајот константно беа во предност од два гола. Ракометарите на Бисинов секогаш кога требаше да се вратат во игра, немаа предводник, кој ќе ја преземеше одговорноста во свои раце и ќе ги водеше во егал завршница. Иако гостите дојдоа до 22:22 во последните десет минути, сепак домаќините беа повеќе пофокусирани во клучните моменти и не дозволија гостинот повторно да се врати во игра.

Најефикасни во победничката екипа беа Бојан Гичев и Димитрија Крстев со седум гола. Во поразениот табор се истакнаа Мартин Иванов и Александар Ристовски со седум гола.