Радовиќ и Шеваљевиќ ја однесоа Црна Гора на ЕП, Валчак и Полска низ „иглени уши“

Црна Гора на најважниот натпревар за пласман на Европското првенство славеше победа против Романија со 23:19. Ракометарите на Црна Гора добро го почнаа натпреварот и со головите на Вујовиќ и двата на Ласица од контра, имаа водство од 3:1 по три минути игра. Романија со серија од 2:0 израмни на 3:3 и една минута подоцна, Цабут постигна гол за 3:4.

Во следните минути главно се играше гол за гол. Ракометарите на Зоран Рогановиќ иако имаа предност од два гола, Романците го израмнија резултатот и на полувреме се замина со реми, 9:9. Во второто полувреме, Црна Гора зголеми на 11:9. Одбраната на Црногорците која на моменти беше 6-0 и 5-1 даде резултат. По пет минути игра во вториот дел, Црна Гора имаше водство од 12:9. Бранко Вујовиќ ги постави и највисоките четири разлика за неговата репрезентација, 13:9.

Во последните дваесетина минути, Црногорците константно беа во предност, се разигра и Шеваљевиќ, кој, одлично работеше и во одбраната. Во завршните минути, Радовиќ зголеми на 22:17, а до крајот ситуацијата не се промени. Со победата над Романија, Црна Гора обезбеди пласман на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Во дресот на Црна Гора по пет гола постигнаа Марко Ласица и Бранко Вујовиќ. Ракометарот на Вардар, Васко Шеваљевиќ беше срелец на 3 гола, исто толку гола постигна и ракометарот на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ.

Во квалификациската група број осум, Шведска рутински го одигра натпреварот против Косово и забележа сигурно победа од 39:16.

Холандија ја победи Полска со 32:30 и обезбеди настап на Европското првенство во 2022 година кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка. Холанѓаните беа подобар противник во првото полувреме. Домашните ракометари почнаа со водство од 3:1, но во продолжението имаа пад во својата игра, причина поради која Полска се врати во игра и израмни на 3:3.

Гебала беше носителот на полската репрезентација и со своите голови ја однесе Полска на плус два разлика, 4:6, по осум минути игра. Сепак, Холандија заигра поангажирано во нападот, имаше контрола на резултатот и успеа на полувреме да има предност од 17:16.

Холанѓаните на почетокот во вториот дел го зголемија своето водство на плус пет, 23:18. Ракометарите на Полска беа во трка со времето и преку Валчак, Дашек и Гебала се вратија во живот и го израмнија резултатот на 24:24. Следуваше серија на домаќините од 2:0 за 26:24 и тука завршија сите надежи на гостите од Полска. Во последните десет минути, Холандија рутински издржа до крајот и се израдува на втор пласман на Европско првенство. Ракометарот на Вардар, Патрик Валчак беше стрелец на еден гол.

Од групата пет, Словенија немаше проблем на свој терен против Турција и славеше убедлива победа со 39:24. Словенија, Холандија и Полска одат на ЕП.

Квалификации за ЕП, 6 коло:

Македонија – Швајцарија 29-28
Црна Гора – Романија 23-19
Србија – Белгија 10-0 сл.
Норвешка – Италија 37-16
Данска – Финска 46-24
Фарски Острови – Русија 23-28
Франција – Грција 46-30
Австрија – Босна и Херцеговина 27-24
Германија – Естонија 35-20
Шведска – Косово 39-16
Чешка – Украина 27-22
Белорусија – Летонија 30-26
Исланд – Израел 39-29
Португалија – Литванија 30-25
Холандија – Полска 32-30
Словенија – Турција 39-24