ПСЖ доминантен до нова победа над Монпелје

Дербито на 9. коло во првенството на Франција помеѓу ПСЖ и Монпелје не го оправда епитетот дерби. Најзаслужни за тоа беа ракометарите на ПСЖ кои со доминантно издание во текот на целиот меч стигнаа до сигурна победа од 35:30.

Од самиот почеток избраниците на Раул Гонзалес тргнаа силно, a веќе по десет минути игра имаа предност од пет гола, 8:3. Во продолжението натпреварот се одвиваше во еден правец и тоа во корист на ПСЖ. Секоја грешка на Монпелје беше казнета со погодок.

Извонреден во домашниот состав беше Сигурдсон со седум погодоци во првите 30 минути. Првото полувреме беше многу ефикасно и покрај седумте одбрани на Шего, сепак, ПСЖ постигна 20 гола. На полувреме тимот на ПСЖ имаше предност од 20:15.

Одличната поставеност на одбраната на домашниот состав и во продолжението им задаваше големи проблеми на ракометарите на Монпелје. Гостите беа немоќни да сторат нешто повеќе на овој дуел, постојано беа во негатива, а најмногу што успеаја да направат е да намалат на минус четири. Сепак, тоа не беше никаква закана за ПСЖ кој со рутинска игра го приведе мечот до крај за нова победа.

Најефикасен во тимот на ПСЖ беше Сигурдсон со седум гола, а шестпати погоди Хансен, кој немаше промашување. Во екипата на Монпелје најсветла точка беше Шего со 12 интервенции, а Порт со пет гола беше најдобар стрелец во неговиот тим.