ПСЖ го нокаутираше Магдебург среде Германија

ПСЖ осигура важни бодови откако во рамките на 3. коло од групата А во Лигата на шампионите го совлада германскиот првак Магдебург со 29-22(18-10).

Гостите од Париз ја имаа иницијативата и контролата над резултатот во текот на целиот натпревар. Конечно составот на Раул Гонзалез одигра на висина на задачата и очекувањата на катарските сопственици и запиша важни бодови кои ги пласираат на врвот на групата А во Лигата на шампионите по три одиграни кола.

Магдебург го отвори резултатот, но следуваше брз одговор со серија од 3-0 која на ѕвездите на ПСЖ им овозможи да дојдат до предност на овој дуел и да го контролираат резултатот во текот на целиот натпревар. ПСЖ на овој дуел не можеше да смета на некогаш најдобриот ракометар во светот, Никола Карабатиќ кој остана дома со позитивен корона тест. Но неговото отсуство како да беше дополнителен мотив за останатите ракометари, брз и подвижен напад со одлични решенија, расположени шутери го красеа нападот на ПСЖ, на спротивната страна одбраната беше на висина на задачата, а се надолнуваше со одличниот Грин кој блескаше против својот поранешен клуб. Кај домаќините познатата „трчај и шутирај“ тактика не вродуваше со плод, избрзаните шутеви беа лесни одбрани за Грин, а на тоа се надополнија и техничките грешки па затоа разликата на средина на првиот дел беше „плус четири“ за гостинските ракометари.

Германските ракометари не најдоа решение за играта на ПСЖ, нервозата во нападот и немоќта на бековската линија се одрази на негативата која до 28. минута порасна на „минус осум“, 9-17.  Разлика која се задржа и на полувреме, а Сипжак неколку секунди пред звукот на сирената ги постави конечните 10-18.

По паузата не се промени ништо во играта на двете екипи, ПСЖ одлично ги затвораше бековите и пивотот, а ударите на крилата беа лесен плен за голманот на Французите, Грин. Токму тоа беше причина во 38. минута ПСЖ да дојде до двоцифрена предност 12-22.  До 40. минута Магдебург успеа да намали само два гола од високата разлика на гостинскиот тим. За разлика од првото полувреме, ПСЖ нападите ги успори, во обид да го доведе натпреварот во рутиниран финиш. Во тоа им помогнаа и Германците кои после секој блесок правеа грешка па не успеаа да фатат залет и да се вратат во натпреварот.

Во последните 10 минути домаќините влегоа со негатива од „минус девет“ 17-26. До 56. минута Магдебург намали на „минус седум“, 20-27, но недоволно за надеж дека може да се вратат на овој дуел. Кога веќе сè беше познато на овој дуел, остана само да се доиграат последните три минути и да се постави конечниот резултат 22-29 за големо славје на „ѕвездениот тим“ од Париз.

Феран Соле и Сипжак постигнаа по 5 голови, а го следеа Криштопанс и Пранди со по 4 погодоци за ПСЖ. Вебер со 6 и Магнусон со 5 ја предводеа листата стрелци кај Магдебург.