Протоколи за навивачите – ЕХФ објави што ви треба за да ја гледате Македонија во Дебрецин

Европската ракометна федерација ги објави протоколите за навивачите што во живо ќе ги следат натпреварите на континенталниот собир во Унгарија и Словачка.

Словачкиот организатор најави дека на 6 јануари ќе има повеќе детали дали воопшто ќе има гледачи на трибините во Братислава и Кошице, додека Унгарците немаа никакви ограничувања и ќе се игра пред полни трибни.

Посетителите ќе мора да покажат валиден сертификат за вакцинација, или документ дека го имаат прележано коронавирусот или пак да покажат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.

Секој од гледачите во салите низ Унгарија ќе мора да носи маска што ќе ги покрива носот и устата во текот на целиот натпревар.

Македонија ќе биде дел од групата А во Дебрецин и во „Феникс Арена“ ќе се сретне со Данска, Словенија и Црна Гора. Прв ривал на избраниците на Кире Лазаров ќе бидат Словенците на 13 јануари од 18:00 часот.