Промени во Тиквеш – Горан Андоновски старо-нов тренер на кавадарчани

Екипата на Тиквеш после пет кола одлучи да направи смена на тренерската позиција и да го врати Горан Андоновски со кого соработуваше во текот на минатата сезона и обезбеди опстанок.

Андоновски се враќа на тренерската позиција и ќе го предводи тимот во продолжение во обид да се дојде до подобар пласман на табелата и да се влезе во трка за плеј-офот.

Денеска дојде до разделба со тренерот Ристо Магдинчев откако екипата имаше четири порази и една победа од стартот на сезоната. Тиквеш претрпе три порази во серија од Охрид, Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје, а потоа го совлада Металург. Во последното коло загуби од Пролет, па дојде до разделба меѓу Магдинчев и Тиквеш.

Со враќањето на Андоновски тимот нема да има проблеми околу адаптација на новиот тренер бидејќи добар дел од играчите соработуваа со него и минатата сезона, па лесно ќе можат да продолжат со тренинзи и подготовка за натпревари. Во следното коло Тиквеш го пречекува тимот на Прилеп.

Инаку, Горан Андоновски е поранешен репрезентативец на Македонија, кој долго време беше на клупата на Охрид пред да дојде во Тиквеш минатата година. После завршувањето на сезоната не дојде до договор за продолжување на соработката, но сега истата е обновена. Андоновски ќе го води тренингот кој ќе биде одржан денеска.