Пролет со гол во последна секунда од пенал избегна пораз од Бутел

Градскиот дуел меѓу Пролет и Бутел заврши без победник, 23-23, откако Давор Палевски од пенал во последната секунда му донесе радост на домашниот тим кој избегна пораз и се радуваше на освоен бод.

Во најголем дел од средбата водеше Бутел, го имаше и последниот напад, но на три секунди до крај на судиите му „свиреа“ пробивање на Мирко Мајиќ. Потоа доби црвен картон бидејќи наводно не ја оставил веднаш топката, и Пролет доби шанса да шутира и пенал.

Палевски во првиот обид постигна гол, но истиот беше поништен, па мораше повторно да шутира. И во вториот обид реализираше, па Пролет можеше да го прослави освоениот бод. За Давор Палевски тоа беше 10. реализиран пенал на мечот.

Во 57 минута Бител водеше со 23-21, но потоа Ласко Андоновски намали на 23-22. Речиси две минути траеа нападите на двата тима да се постигне гол, пред да се реши се во последните секунди.

Двата „загубени бода“ за Бутел може да се одразат на конечниот пласман на табелата бидејќи сега нема да може да играат за петто место каде останува Охрид.

Давор Палевски со 10 гола беше најпрецизен кај Пролет, пред Александар Василевски со 6 гола. Кај Бутел, девет гола постигна Филип Николов, а пет даде Владимир Јефтиќ.