Пролет сака во Европа, резервна опција – вајлд карта

Амбициите на Пролет во сезоната која поради пандемијата остана без завршница, беа да обезбеди пласман во плеј-офот и да се бори за место во европските купови.

Скопскиот суперлигаш во регуларниот дел од сезоната заврши на третото место и не се откажува од планот да заигра во Европа, иако прекинот на првенството и моменталната ситуација не му одат во прилог.

„Би сакале да играме во европските купови, затоа и се засиливме за плеј-офот за да избориме место во Европа. Не знам каква ќе биде конечната одлука на РФМ, нема да правиме опструкции доколу не добиеме место. Има некои најави дека РФМ ќе бара дополнително место во европските купови и ако постои било каква шанса да се обезбеди тоа место со вајлд-карта, ние сме заинтересирани и заедно со управат на клубот ќе одлучиме што и како“, истакнува извршниот директор на Пролет, Сашо Огњеновски.

Распределбата на местата во европските купови се уште е отворена тема. Ракометната федерација на Македонија, дополнително треба да одреди критериуми и да одлучи кои екипи ќе ги делегира за настап во Европа. Според ранкингот во ЕХФ, Македонија за следната сезона има едно место во Лигата на шампионите кои извесно, ќе му припадне на Вардар како се уште актуелен европски првак и три места во новоформираната Европска лига.

Ланскиот вицешампион Еурофарм Пелистер и Металург како лански победник во Купот на Македонија и годинешен лидер во шампионатот, се главни кандидати за две места во Европската лига. Еден ќе го добие местото што носи директен пласман во групната фаза од Европската лига, а другиот ќе игра во второто квалификациско коло.

Третиот македонски претставник во Европската лига ќе стартува од првото квалификациско коло, а во комбинација за ова место, ако се гледа пласманот на суперлигашката табела до прекинот се: Охрид, Пролет и Бутел.

Од Пролет велат дека чекаат да видат каква ќе биде конечната разврска за излез во Европа, но и каква ќе биде конкуренцијата во групата според новиот систем на натпреварување во домашната Супер лига, пред да ги одредат нивните активности за креирање на тимот и на подготовките. Во однос на лани, во составот на Пролет ќе го нема репрезентативецот Мартин Поповски кој кариерата ќе ја продолжи во Швајцарија. А, договорот со скопскиот тим му завршува и на Ѓуро Мујиќ, единствениот странец во составот на Пролет.

„На Поповски и на Мујиќ им завршија договорите, други поголеми промени нема. Тенденцијата е да го задржиме истиот состав со евентуално, едно-две засилувања. Да видиме прво каква ќе биде групата, со кои противници ќе играме во таа прва фаза, па потоа ќе одлучиме. Друга работа ќе беше ако во првенството се приклучеа и Вардар и Еурофарм Пелистер. Тогаш ќе беше посилна конкуренција и ќе мораше да се засилиме уште од старт. Вака, не знам што ќе биде, прегломазно е новото првенство во ваков формат“ – вели Огњановски.

Според предлогот на РФМ што беше прифатен од клубовите и наскоро треба да биде верификуван и од Управниот одбор, во новата сезона, во Супер лигата се приклучуваат четири прволигаши и се проширува бројот на учесници на 14+2. Во првиот дел ќе играат 14 клуба поделени во две групи, а во плеј-офот ќе им се приклучат и сехалигашите Вардар и Еурофарм Пелистер.