Пролет доби нов десен бек – потпиша Никола Потиќ

Српскиот десен бек Никола Потиќ по една полусезона мината во Металург, замина од Автокоманда и се пресели во Пролет. Станува збор за искусен ракометар кој потекнува од Партизан. Србинот во сезоната 2016/2017 беше 11. стрелец во шпанската лига, каде го носеше дресот на Кањас.

Потоа Потиќ настапуваше и за хрватскиот првак Загреб, а во Германија ги бранеше боите на Либек, пред да дојде во Автокоманда. Потиќ ги мина сите младински категории во српската репрезентација, настапувајќи и за сениорскиот национален тим на баражот за СП 2019 против Португалија.

„Од она што го видов на контролата пред стартот на сезонава, Пролет се покажа како добар противник. Знам дека сега се засилени, згора на тоа и уште подобро воиграни и мислам дека овој тим ќе има што да каже во клучниот дел од сезоната. Задоволен сум што дојдов тука, ни се поклопија визиите со раководството кое сака да излезе во Европа, а јас верувам дека можам да помогнам тоа да се оствари. Од понеделник почнувам да тренирам со екипата, па тогаш ќе се запознаам со момците и ќе можам да кажам повеќе конкретни работи за клубот“, истакнува Потиќ.

Српскиот десен бек е оптимист дека Пролет ќе успее да се најде меѓу екипите кои ќе обезбедат излез во ракометна Европа.

„Искрено верувам дека можеме да стигнеме до она што е зацртано како цел. Вардар и Еурофарм Пелистер се напред, но сега гледаме што се случува во Металург, како се откажува од странците, па на мојот довчерашен клуб веќе не му е сигурно ниту тоа трето место. Конкуренцијата не е мала, тука се неколку екипи, но Пролет дефинитивно има квалитет за да излезе во ракометна Европа“, оптимистички е расположен Потиќ.