Проблеми за Лазаров: Митев се повреди на загревање, десетмина поминаа со вирус

Младиот организатор на играта најверојатно има сериозна повреда и отпаѓа од комбинација за ЕП, додека заразените од сезонскиот вирус се враќаат во целосен тренажен процес и се чувствуваат добро

Натпреварот против Израел полека дава одговор за составот со кој Македонија ќе патува на Европското првенство, но и понатаму има можност секој од момците да се докаже и да си го обезбеди своето место во тимот.

Сепак, проблемите за селекторот Лазаров се во голем број бидејќи во последните денови репрезентацијата не е комплетна поради проблеми со сезонскиот вирус.

„На подготовките и во Маврово и во Скопје имавме 10-12 играчи со сезонскиот вирус. Пешевски откако дојде имаше температура и очекувам утре да биде на тренинг и да биде добар. Не сакавме да ризикуваме, но и тој е еден од играчите кои го поминаа вирусот. Загубивме неколку играчи за по 2-3 тренинзи бидејќи имаа вирус, но се комплетираме“, вели Лазаров.

Покрај тоа денеска повреда заработи и бекот на Бутел Скопје, Марко Митев, па според изјавата на Лазаров тој веројатно отпаѓа од комбинација за составот со кој Македонија ќе патува за Унгарија.

„Митев се повреди на загревањето. Бизарна повреда. И да беше планирам тешко дека ќе оди на Европско првенство. Не е убаво да зборам сега, но ми изгледа дека е сериозно. Сепак, последната ќе ја има докторскиот тим. Од прилика имаме 20 играчи, но на собир мораме да имаме 23-24 играчи дека мора да се подготвени и да тренираат бидејќи поради ситуацијава во секој момент можеме да имаме потреба од некој од нив. Стојковиќ е ослободен после Маврово, но тој би можел да се приклучи доколку биде потребно“, изјави Лазаров после денешната средба против Израел.

Со оглед на тоа што има уште една недела за тренинзи ќе има и доволно време за да се обезбеди место во тимот односно да се обезбеди место во составот со кој Македонија ќе патува на Европското првенство во Унгарија и Словачка. Добро е познато дека Македонија игра во Групата А заедно со Словенија, Црна Гора и Данска, а натпреварите ги игра на 13, 15 и 17 јануари.