„Прилепчани“ со солиден настап во убедливата победа на Грузија

Репрезентацијата на Грузија успешно ги стартуваше натпреварите на турнирот ИХФ/ЕХФ трофеј во Тбилиси. На првиот официјален натпревар, Грузија убедливо го совлада Азеребејџан со високи 36:16 во рамките од А групата.

Грузија на стартот имаше солидно водство од 6:2 и до крајот на натпреварот успеа да ја зголеми својата предност и да оствари убедлива победа од 20 гола разлика.

Во грузискиот состав настапија и четворицата ракометари од Прилеп, Хазеин Рустамов, Зураб Цинцадзе, Реваз Чантурија и Мириан Гавашелишвили. Левото крило, Рустамов натпреварот го заврши со два постигнати гола, десното крило Чантурија исто така погоди два пати, додека Гавашелишвили не успеа да се запише во листата на стрелци. Солиден меѓу стативите беше голманот, Цинцадзе.

Најдобар играч на натпреварот беше екс членот на Металург, Иракли Кбилашвили, кој даде 12 гола и беше прогласен за МВП на мечот, а играа и екс членовите на Пелистер и Струга, Темо Орјоникидзе и Гиорги Дикаминџија.

Со остварената победа, Грузија е на чекор плус во обезбедувањето на визата за бараж квалификациите за Европското првенство во 2024 година кое ќе се одржи во Германија. Следен натпревар за репрезентацијата на Грузија е против Молдавија и на овој дуел се очекуваат лесни бодови за домаќините.