Прекинат карантинот во Вецлар, Миркуловски и колегите повторно на тренинг

Откако постоеја сомнежи за инфекција со Ковид-19 во екипата на Вецлар сите од клубот беа испратени во домашен карантин. Филип Миркуловски заедно со сите членови на Вецлар беа тестирани, но резултатите беа негативни.

По добивањето на негативни тестови, здравствените власти во Германија дозволија играчите и тренерите да ја прекинат домашната изолација и да се вратат на заеднички тренинзи.

„Би сакале да му се заблагодариме на нашиот одговорен лекарски тим и лабораторијата кои беа вклучени во тестирањето. Многу ни олесна и сме среќни што немаме заразени играчи и што карантинот ни е прекинат“, рече директорот на Вецлар, Бројн Зајп.

Вецлар слободно може да се подготвува за натперварите кои им претстојат, а следниот предизвик ќе го имаат веќе во четврток кога Миркуловски и Кузмановски ќе имаат директен дуел во меч од Бундес лигата.