Предлог во Бундес лигата – натпреварите да се играат три третини по 15 минути!

Раководството на Бундес лигата донесе одлука пред неколку дена да се прекине натпреварувањето и го прогласи Кил за шампион.

Покрај тоа, одлучено е лигата да се прошири и догодина ќе брои 20 екипи, што значи ќе има по 38 дуели за сите тимови. Многумина од раководните луѓе на клубовите се загрижени како тоа ќе функционира, а генералниот директор на Фуксе Берлин и потпретседателот на Германската ракометна федерација – Боб Ханинг, го изнесе својот став.

„Мора да бидеме креативни, едноставно размислување нема да ни помогне – па така може да се играат три третини по 15 минути“, вели Ханинг.

Тренерот на Фленсбург, Мајк Макула, исто така има еден предлог како може да се игра Бундес лигата догодина.

„Оваа сезона игравме против Лудвигсхафен, па за 48 часа моравме против Рајн Некар во Манхајм. На тој начин се намалуваат трошоците за патувања и за дополнителни подготовки. Така ќе си помогнеме сите да ги намалиме вкупните трошоци, може да се игра и турнирски систем, за тимовите да не плаќаат наем за салите, а истовремено нема гледачи кои би купувале билети“, вели Макула.

Останува да видиме во следниот период што од овие предлози ќе биде прифатено и како ќе се игра Бундес лигата догодина.