Прв интернационален предизвик – Раде Стојановиќ е тренер на Катар Спорт Клуб

По успешната интернационална играчка кариера во неколку екипи во странство, сега Раде Стојановиќ ја почнува и својата интернационална тренерска кариера. Поранешниот репрезентативец на Македонија кој е актуелен тренер на кадетската репрезентација во иднина ќе биде на чело на тимот на Катар Спорт Клуб од Доха.

По десет години Стојановиќ повторно се враќа во Катар каде во 2012 година настапуваше за истиот клуб. Сега од клубот му доверија задача да им донесе подобри резултати во домашното првенство. Лани клубот бил на 6 место од 12 тимови, а целта е да се биде меѓу првите три.

„Понудата ја добив сосема неочекувано. Сегашниот спортски директор е мој пријател уште од времето кога тука играв. При еден разговор ме праша дали би сакал да дојдам кај нив. Контактот дојде на крај на мај, но се договорив додека не ми завршат клупските и репрезенативните обврски да не потпишуваме и да не преговараме, за да бидам сконцентриран на тоа што ме очекуваше во Македонија. Малку подолго траеше одобрувањето на влезната виза, но сега сите административни работи се завршени и веќе сум во Катар и работа со тимо. После три години поминати како тренер во Металург 2 и потоа и во Охрид ова е нов предизвик. Мислам дека можеме и треба да покажеме дека и македонските тренери можат да бидат успешни и надвор од Македонија, вели Стојановиќ.

Во тимот има неколку странски играчи, репрезентативец на Катар, но веќе се размислува за засилувања за новата сезона.

Тој беше поврзуван со неколку македонски клубови околу можно превземање на тренерската функција. Најконкретен беше Пролет кој му нудеше на Стојановиќ да премине кај нив, но Стојановиќ реши да почне со меѓународен предизвик. Пред Катар, беше тренер во тимот на Металург 2 и на Охрид.

Вистинската борба за титулата во Катар почнува на крајот од годината односно на почетокот на 2023 бидејќи во моментов првенството во Катар не е почнато. Таму сега се е во знакот на СП во фудбал во декември, па дури откако тоа ќе заврши ќе почнат домашните првенства во другите спортови.