По пауза од месец дена – од утре пак ќе се игра суперлигашки ракомет во Македонија!

Откако вчера и денеска беа извршени тестирањата на коронавирус на сите екипи – ракометари и стручни штабови, од утре ќе се рестартира Суперлигата.

Планот на Ракометната федерација да го рестартира првенството на 14 октомври беше поместен за една недела подоцна, односно за 21 октомври за дуелите од групата А и 22 октомври за натпреварите од групата Б.

Утре ќе се играат два меча од предвидените три од третото коло во групата А. Во Охрид, домашниот тим ќе го пречека Радовиш во натпревар што ќе започне од 18:30 часот, а во истиот термин во Струмица ќе играат Астраион и Струга.

Одложен е натпреварот меѓу КЛ7 и Пролет, поради тоа што гостинскиот состав има дури 12 позитивни ракометари на Ковид-19.

Трите натпревари од групата Б би требало да се одиграат на 22 октомври, иако и во дел од екипите има нови позитивни случаи на Ковид-19.