Потпретседателот на СЕХА го објави името на позитивниот вардарец

Елиминацијата на Вардар на „зелена маса“ од Ф4 турнирот во СЕХА уште ја бранува ракометната јавност, а едно интервју денеска дадено за рускиот „Брз центар“ од потпретседателот на лигата, Борис Сапожников исто така го привлече вниманието. Меѓудругото тој го објави и името на ракометарот на Вардар кој имал позитивен тест на Ковид 19.

„Вчера околу 11:30 часот ми се јави директорот на лигата, Синиша Остоич кој ми рече: ‘Имаме проблем’. Потоа додаде: ‘Без долги објаснувања, Ристовски има позитивен тест на коронавирус’. Прашувам: ‘Дали сте сигурно дека ова е коронавирус’. Тој вели: ‘Ова е причина зошто македонската и хрватската страна сега го тестираат Ристовски. И за ова тестирање секој испрати свој претставник’. Синиша ми испрати и некои документи на хрватски. Таму е јасно напишано: Доколку некое лице кое е заразено со коронавирус стапило во контакт со други лица кои не се вакцинирани или не поминале 14 дена од вакцинацијата, целиот тим оди во карантин или си оди дома“, вели Сапожников во интервју за handballfast.

Ракометарите на Вардар вчера место кон Задар мораа да се упатат кон Скопје така што утре Загреб ќе биде тимот кој ќе игра на завршниот турнир во СЕХА лигата.