После Вардар и Кил го реши Флензбург

Составот на Флензбург откако остана без неколку ракометари никако не може да врзе неколку добри натпревари, а после поразот од Вардар загуби и во Бундес лигата и тоа против најголемиот ривал за титулата, Кил. „Зебрите“ денеска победија со 29:21 така што се изборија за големи бодови.

Ракометарите на Кил одработија одличен натпревар и стигнаа до победа откако одиграа особено добро во второто полувреме. Тие имаа 12:10 во првото полувреме, а потоа стигнаа до триумф од осум гола разлика.

Домагој Дувњак беше одличен предводник во денешната победа на Кил. Тој заедно со Харалд Рајнкинд одработи одлична средба. И двајцата погодија петпати, па имаа најголем придонес во триумфот, додека четири гола имаше Екберг. Готфридсон со седум гола беше најпрецизен во Флензбург.

На голот на Кил се врати Ландин, па сè беше многу полесно и на теренот така што високата победа и не е воопшто изненадување. Тој имаше 18 интервенции.