Португалија без Дуарте во квалификациите за ЕП

Еден од ривалите на Македонија во квалификациите за ЕП 2024, репрезентацијата на Португалија на првите два квалификациски натпревари за пласман на континенталниот собир ќе настапи без левиот бек Жилберто Дуарте, кој на почетокот на годинешната сезона требаше да биде нов играч во редовите на македонскиот шампион Вардар.

Селекторот на Португалија, Пауло Переира го објави списокот на играчи за првите два квалификациски натпревари, против Турција и Луксембург, кои ќе се одиграат на 13, односно 16 октомври.

Португалија реванш натпреварите против Турција и Луксембург, како и двобојот со Македонија ќе ги одигра во 2023 година, во периодот од 8 март до 30 април.

Ракометарите на Португалија на претходното ЕП во Унгарија и Словачка беа елиминирани уште на стартот и континенталниот собир го завршија на 19. позиција.