Поранешниот европски шампион потпиша договор со босански репрезентативец

Искусниот ракометар и репрезентативец на Босна и Херцеговина, Марко Паниќ од следната сезона се враќа во Франција и ќе настапува за Монпелје.

Десниот бек моментално е член на белорускиот шампион, Мешков Брест. Во поранешниот европски шампион, Паниќ ќе остане до 2024 година и многу веројатно е дека таму ќе ја заврши својата ракометна кариера.

Француската клима нема да му преставува никакви проблеми на босанскиот ракометар. Паниќ шест сезони го носеше дресот на францускиот суперлигаш, Шамбери, клуб во кој најмногу и напредуваше во својата кариера.

Пред да направи интернационално искуство, Паниќ беше дел од Борац Бања Лука. Со својата репрезентација беше дел од Европското првенство во 2020 година.

Во Монпелје, Паниќ ќе го менува Мелвин Ричардсон, кој најверојатно ќе се пресели во Барселона.