Попуштија нервите после првиот пораз, тренерот на Бутел Скопје поцрвене (ФОТОГАЛЕРИЈА/ВИДЕО)

Екипата на Бутел Скопје претрпе пораз на дуелот против Работнички од 21:23 на натпреварот кој се играше во СЦ „Јане Сандански“.

Бутел Скопје беше домаќин на овој дуел, но немаше противигра за ракометарите на Работнички.

Оваа средба за малку можеше да има и трето полувреме, но сè мина во најдобар ред и само со покажување на црвен картон на гостите.

Откако Ончев погоди за два гола разлика на десетина секунди до крајот веќе беше јасно дека ова ќе биде пораз за тимот на Бутел Скопје. Тука почнаа реакциите кон судиската двојка веројатно поради тоа што беше досуден удар од седум метри за тимот на Работнички.

На првичните реакции од играчите се надоврза и тренерот Кристијан Грчевски, кој очигледно бил пожесток во реакциите. Од она што можеше да се забележи тој реагираше кај судијата Сашо Кркачев, а реакцијата беше доста бурна и тоа може да се види од фотогалеријата во продолжение.

Кристијан Грчевски – црвен картон

На пет секунди до крајот на средбата меѓу Бутел Скопје и Работнички (21:23, полувреме 11:12) дојде до мал прекин. Тренерот на Бутел Скопје, Кристијан Грчевски реагираше кај судијата Кркачев. Сите ракометари беа околу нив, па не можеше да се забележи дали се работи исклучиво за вербална реакција или имаше некаков мал контакт. Сепак, сето ова заврши со црвен картон за тренерот на Бутел Скопје и тоа во моменти кога сè веќе беше завршено.

Што и како се случуваше исто така може да се види и од видеото во продолжение.