Полјаците најавуваат ново засилување во Вардар!

Следната сезона во Вардар ќе игра уште еден полски ракометар ако се остварат најавите од Полска. Медиумите во Полска најавуваат дека нивниот репрезентативец Јан Чувара би можел да го облече дресот на Вардар од следната сезона. Левото крило имаше забележителна улога во националниот тим на Европското првенство 2020, а беше дел од полскиот состав и на Светското првенство во Египет.

Во моментов во Вардар игра и пивотменот Патрик Валчак кому ова му е прва сезона во тимот, и ќе остане и в година со „црвено-црните“. Чувара (184/85) потекнува од Легница, а од 2014 до 2018 година настапуваше за Заглебје Лубин. Потоа се пресели во составот на Горњик Забже, каде што во моментов ја игра третата сезона. Иако од неговиот клуб имале желба да го градат тимот околу него, тој веројатно добил понуда која не се одбива од врвен европски клуб – Вардар.

Во разговор со локалните медиуми, тренерот Maрчин Лијевски и Богдан Кмиечик, претседателот на клубот Горњи Забже ги објавиле плановите на клубот за наредната сезона, новите засилувања, но и заминувања од клубот. Меѓу нив најзвучно е заминувањето на Чувара, и тоа најверојатно во Скопје.

 „Сакаме да го задржиме Јанек, да изградиме тим околу него, но доколку навистина добил понуда од клуб кој се натпреварува во Лигата на шампионите, тогаш ни останува само да му честитаме и да му посакаме среќа“, истакнуваат од клубот за локалните полски медиуми.

Горњик е веднаш зад најдобрата тројка Келце, Висла Плоцк и Азоти Пулави, а Чувара е најдобар стрелец на тимот со 53 постигнати погодоци од 63 обиди на досега 16 одиграни натпревари. Полскиот репрезентативец беше дел од националниот тим на ЕП 2020 година во Австрија, Норвешка и Шведска и на СП 2021 во Египет. Досега има одиграно 30 натпревари и постигнато 45 погодоци.

Ако се оствари трансферот на Чувара, левото крило, кое има 25 години, би бил петто засилување за Вардар за новата сезона по десниот бек Едуардо Гурбиндо, голманот Мартин Томовски, левиот бек Анте Кудуз и десното крило Дарко Ѓукиќ. Во моментов на левата крилна позиција во македонскиот тим настапуваат Тимур Дибиров и младиот македонски репрезентативец Димитар Димитриоски.