Полот не е важен – жена ќе игра во машки тим во Шпанија!

Шпанката Миреја Родригез е првата жена која ќе игра во машки сениорски тим откако федерацијата ја одобри нејзината регистрација за настап. Родригез има 31 година и ќе игра за Албасете во регионалната лига Кастиља во Шпанија, пишува шпанскиот „АС“.

Родригез смета дека во иднина нема да биде единствената жена која ќе игра во машки тим и дека нејзиниот пример ќе го следат и други девојки откако претходно со согласност од другите екипи таа доби дозвола за настап.

„Отсекогаш сум сакала да играм ракомет, а сега ќе можам да се приклучам на машкиот тим бидејќи и останатите ривали од натпреварувањето прифатија да играм со нив. Сакам да играм и со моите соиграчи се чувствувам многу убаво, ме прифатија од првиот ден“, рече Миреја Родригез.

Сопругот на Шпанката и дава голема поддршка во нејзините настапи, тој го чува нивниот тригодишен син за да може таа да оди на тренинзи и натпревари.