„Политиката е како крава на кров – ја гледаш и се прашуваш како ова говедо се качи толку високо“

Откако го раскина договорот со хрватскиот првак Загреб, Веселин Вујовиќ времето го поминува во Шабац и таму чека нови понуди.

Во разговор за РТС, тој зборуваше за плановите во иднина, за српскиот ракомет, но и за политиката во која се вклучени неколку негови соиграчи од Металопластика.

„Треба да бидам многу добар или многу лош да бидам политичар. Политиката е како крава на кров, ја гледате и се прашувате како ова говедо се качи толку високо. Не мислам дека сум роден за политичар, јас сум директен човек. Неколку пати Зоран Ѓинѓиќ се обиде да ме ангажира, но кога дојде време да направат колација со најлутиот ривал, кој се трудеше да ги руши, јас си реков – што е бре ова? И во тој момент сфатив дека не сум за политика, јас секогаш ќе кажам ако нешто бело – дека е бело, ако е црно – дека е црно. Така сум воспитан, така размислувам, а политичар мора да има некоја граница, да прави компромис, да каже некогаш нешто што не мисли или да излаже. Многу често се користат предизборни трикови во ветувањата, еве ако јас би бил политичар, ќе ветам дека ќе направам метро во Белград“, низ смеа вели Вујовиќ.

Тој откри дека има понуда од Саудиска Арабија да биде нивен селектор, но ќе ја прифати доколку бидат реализирани неговите услови – подготовките да се одработуваат на Балканот.