Познати се патниците на Ф4 кај кадетките

Кадетската екипа на Стружанка ќе ја брани титулата во кадетската лига откако на лесен начин обезбеди место меѓу најдобрите четири екипи, кои ќе играат на кадетскиот Ф4.

Ракометарките на Стружанка во четвртфиналниот дуел убедливо ја совладаа четвртопласираната екипа од минатиот Ф4, Металург, со резултат 33:18 (18:8).

Место на Ф4 кај кадетките обезбеди и екипата на Вардар, која имаше лесна задача против Сани од Охрид, триумфираше со 42:22 (20:11). Младите вардарки во минатата сезона ја освоија 3. позиција на Ф4 турнирот.

Екипата од Битола, Феникс, на свој терен, исто така дојде до убедлива победа против Делчево. Битолчанки со подобрата игра во вторите 30 минути обезбедија победа од десет гола разлика, 42:32 (19:16).

Во борбата за медал влегува и Шампион, кој во четвртфиналниот дуел беше подобар од Деспина со 26:24. На Ф4 турнирот минатата сезона, Стружанка во големото финале ја совлада Деспина со 18:16.

Саатниците и полуфиналните двојки за Ф4 турнирот, како и домаќинот, треба да се одредат дополнително.