Познати европски ракометни имиња во Дојран полагаат за тренерска лиценца

Низ предавањата што претходните години ги организираше Здружението на ракометни тренери на Македонија минаа многу познати имиња кои го добија највисокото ниво – трет модул. Таа пракса на едуцирање на тренерите продолжува, а сега во познатат тренерска база во Дојран дел од оние што ги слушаат предавањата се поранешни познати ракометари од европски и светски калибар.

Во моментов во Дојран се одржува првиот дел од Третиот Модул што е последен пред да се аплицира за највисоката тренерска лиценца, Мастер Коуч. Покрај македонски тренери на модулите организирани од ЗРТМ имало учесници и од други земји како Словенија, БиХ, Косово….Сега на тие предавања се приклучија и тренери од Србија, а кои зад себе имаат позната и успешна играчка кариера.

Станува збор за некогашната голманка на Кометал Ѓорче Петров, Бранка Јовановиќ, како и екс голманот на Вардар, Милан Косановиќ. Во Дојран се уште и легендарниот пивотмен Растко Стојковиќ, па Данимир Ќурковиќ, Милош Митровиќ, како и Владица Стојановиќ.

Од вкупниот број на учесници добар дел се македонски тренери кои го почнуваат третиот модул: Кире Митревски, Јане Цветковски, Михаил Петровски, Марко Нелоски, Милан Левов, Рубин Лашкоски, Ања Алтхаус, Реваз Чантурија…

Предавања на тренерскиот семинар во Дојран на повеќе теми одржаа Гино Стрезовски, поранешниот селектор на машката и женската репрезентација на Македонија, потоа Даниела Дамјановска, Влатко Неделковски, Михајло Силјанов и Елизабета Чадиковска.