„Плинарите“ издржаа едно полувреме, Монпелје ги собра бодовите од Загреб

Монпелје со пресврт во второто полувреме успеа да го совлада хрватскиот првак, Загреб со 25:22 во натпревар од Лигата на шампионите. И на двете екипи им припадна по едно полувреме. Пресудни за победата беа последните петнаесетина минути во кој ракометарите на Монпелје доминираа.

Екипата на Загреб одигра одлично прво полувреме. Ракометарите на Монпелје на почетокот имаа големи проблеми да го пронајдат патот до мрежата на голот на својот противник. Голманот на домаќините, Славиќ и поранешниот ракометар на Вардар, Чупиќ, беа двигателите во екипата предводена од Ивица Обрван. Старните 5:1 за Загреб беа доказ дека првото полувреме ќе помине во знакот на домаќините.

Екипата од Франција започна да фаќа приклучок во последниот дел од првото полувреме. Сепак, Загреб по првиот дел замина со предност од еден гол разлика, 13:12.

Загребчани по одличната игра во првиот дел, во второто полувреме дозволија францускиот тим да ги казнува нивните грешки. Со серија од два гола, Монпелје направи пресврт на натпреварот и поведе со 16:14. До финишот, ракометарите на Загреб немаа доволно сила да му се спротистават на поискусниот противник кој поради одличната игра во вториот дел го доби денешниот дуел.

Најефикасен во редовите на Монпелје беше Хулиен Бос со седум гола. Во екипата на Загреб прв стрелец беше Иван Чупиќ кој исто така постигна седум гола и имаше 100% реализација.