Ракометарите на Загреб денес требаше да гостуваат кај Порто во натпревар од Лигата на шампионите, но поради технички проблеми на аеродромот во Франкфурт, преку кој хрватскиот вицепрвак требаше да патува за Португалија, натпреварот нема да се одигра.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) одлучи да го одложи натпреварот и да го презакаже за некој друг датум.
Избраниците на Славко Голужа по 28 часа минати во Франкфурт, разочарани се вратија во својата татковина.
,,Добивме информација дека нема да можат да ни овозможат лет следниот ден иако бевме подготвени да летаме за Порто под било какви услови. Разговаравме со луѓе од ЕХФ за некој алтернативен начин на превоз, но ниту тоа не успеа. Играчите минаа два дена на аеродром, што е голем проблем и ќе им требаат два до три дена да се опорават пред мечот со Магдебург”, изјави директорот на Загреб, Ведран Шупуковиќ за хрватскиот портал ,,Данас”.
Ракометарите на Загреб од Франкфурт слетаа за Сплит, па потоа стигнаа во хрватската престолнина.