Ракометарите на ПИК Сегед ја остварија првата победа во сезоната во Лигата на шампионите откако убедливо го совладаа составот на ППД Загреб со 30:21 и со тоа му го нанесоа втoриот пораз на шампионот на Хрватска.
Натпреварот почна со многу проблеми со реализацијата на дваете екипи. Загреб отвори со два гола, а ПИК Сегед првиот гол го постигна во 5. минута. Продолжи играта со малку голови, па во 15. минута беше 4:3 за домаќините.
До крајот на првиот дел ПИК Сегед успеа да обезбеди предност и на пауза замина со 10:7. Во второто полувреме избраниците на Хуан Карлос Пастор ја оправдаа фаворитската улога и доминантно стигнаа до победата.
Веќе во 38. минута беше 15:9 и во продолжение разликата растеше постојано. Загреб тешко постигнуваше голови, а тоа домашниот тим знаеше да го казни. Во 49. минута ПИК Сегед го имаше највисокото водство од 24:15, а истата разлика беше и на крај на мечот.
Во составот на ПИК Сегед одлична вечер имаше Марио Шоштариќ со седум гола без промашување и беше најефикасен, а играше само во второто полувреме. Шест гола постигна Фримел, а Соарес погоди четирипати. Во екипата на Загреб се истакнаа Филип Вистороп и Един Клис со по четири гола.