ПИК Сегед „врза“ уште еден играч до 2023 година

Унгарскиот репрезентативец, Миклош Роста, останува во ривалот на Вардар во Лигата на шампионите – ПИК Сегед до 2023 година.

Информацијата беше потврдена и од раководството на клубот кое е задоволно од добрите партии на младиот пивот.

„Миклош постојано напредува и се развива под водство на тренерот Пастор, па затоа сум многу задоволен да им соопштам на нашите фанови дека се договоривме со него да го продолжиме договорот“, изјави извршниот директор на ПИК Сегед, Бенце Киш.

И Роста го искажа своето задоволство поради продолжувањето на договорот.

„За мене е огромно задоволство што тимот смета на мене. Донесов многу добра одлука и во овој клуб научив многу. Одам напред, но сепак има уште многу работа за да бидам подобар играч“, вели Роста.

Соработката со клубот ја продлжи и репрезентативецот на Словенија, Ник Хенигман. Пред неколку денови унгарскиот клуб во своите редови го ангажираше ракометарот на Кадетен Шафхаузен, Себастијан Фримел.