Пешевски: Верувам дека ќе помогнам Еурофарм Пелистер да освојува титули!

Еден од новите ракометари во Еурофарм Пелистер е македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски.

Кружниот напаѓач вели дека доаѓа мотивиран во новиот клуб и дека ќе помогне битолскиот тим да освојува титули.

„Не размислував долго кога почнаа преговорите, видов максимална заинтересираност од двете страни. Најдовме заеднички јазик и дојдов во Битола. Среќен сум, доаѓам со „полн куфер“ амбиции и желби и мотивиран сум да помогнам во овој амбициозен клуб. Еурофарм Пелистер расте во последните четири години откако заминав од Македонија во Бундеслигата. Верувам дека ќе помогнам да почне овој клуб да освојува титули и да го заземе местото кое го заслужува. Морам да признаам дека со голем респект како и ние Македонците кои работевме во странство, така и сите ракометни работници, гледаат на овој клуб. Еурофарм Пелистер од ден на ден расте во сериозен клуб, клуб во кој одлично се работи и секоја нова сезона амбициите и апетитите растат. Оваа сезона е идеална шанса да ги оствариме желбите во целост“, изјави Пешевски.

Македонскиот репрезентативец минатите три сезони беше дел од бундеслигашот Штутгарт, а претходно играше за Металург и Мотор Запорожје.