Петровиќ: Никогаш не се надевав дека ќе играм против двократниот европски шампион

Младиот десен бек од БиХ, Павле Петровиќ од денеска и официјално е нов ракометар на Еурофарм Пелистер 2 и со неговото ангажирање екипата предводена од Александар Јовиќ доби квалитет плус на десната бековска позиција.

Се работи за играч кој шутира со левата рака, а потекнува од школата на Локомотива Брчко и за истоимениот клуб настапуваше во Супер лигата на БиХ неколку години. Зад неговото име стојат голем број на награди од ракометни турнири низ Европа.

Во ракометот влегува спонтано, по предлог на неколку пријатели кои му предложиле да се запише ракомет заедно со нив. Првиот тренер му е Радомир Прајо, кој при водење на младинските погони на школата, го препознава квалитетот на Петровиќ и сака да го задржи во своите редови. Освен искуството кое го собира на натпреварите низ БиХ, по предлог од раководството на клубот учествува на ракометни кампови. Иако имаше договор до мај, 2021 година, со Локомотива, раководството на клубот реши да го ослободи во неговата интернационална кариера.

Младиот ракометар од Брчко воопшто не е љубител на големи градови и неговото ново место, Битола, му делува како одлична средина и за ракомет и за живот. Првите впечатоци од новиот клуб за него се одлични, но исто така и тренинзите кои ги има со битолскиот тим се на повисоко ниво за разлика од тренинзите кои ги имаше во неговата земја.

„Ми се допаѓа градот, Битола е слична на мојот роден град и воопшто не сум љубител на големи градови. Ми се допаѓа атмосферата во клубот, работата со ракометарите, професионалноста, посветеноста од целиот стручен штаб. Добра е атмосферата во клубот и соиграчите се трудат да ми помогнат во сè бидејќи сум нов играч во екипата. Тренинзите во клубот се на едно квалитетно и повисоко ниво за разлика од тренинзите кои ги имав во мојот клуб”, вели Петровиќ за 24 Ракомет.

Иако беше ракометар на Локомотива Брчко, Петровиќ, добива понуди од Македонија, Србија, Хрватска и БиХ. Се решава да ја прифати понудата на Еурофарм Пелистер 2 како права одлука во неговата прва интернационална кариера со надеж за квалитетен напредок.

„Воопшто не размислував дали да дојдам во Македонија и секогаш ракометните приказни од Македонија беа за Вардар и Металург. Имав понуди од Србија, Хрватска и БиХ. Еурофарм Пелистер 2 направија добра работа и добар клуб и мислам дека е вистинскиот чекор во мојата кариера, а со тоа и мој напредок како играч. Сметам дека направив добар чекор иако сум далеку од дома. Мислам дека донесов правилна одлука и во тоа се уверив уште во првите денови при моето пристигнување. Работата со младите ракометари е тоа што јас го барав долги години”.

Ракометот во БиХ го преживуваат само најсилните тимови односно оние кои имаат доволно финансии да вложуваат во помладите категории. Во БиХ некои екипи играат на два фронта, Супер лига во Федерацијата на БиХ и Супер лига на ентитетот Република Српска, но со тоа можат да се изборат само најаките клубови кои се моќни, а тие се бројат на прсти.

„Ракометот во БиХ исто така е популарен, се вложува во сениорските клубови, додека за помладите категории нема доволно финансии односно спонзори. Во БиХ не се работи многу со помладите категории како во Македонија. Постојат само неколку клубови кои имаат свои ракометни академии и вложуваат во нив. Борац од Бања Лука и Извиѓач од Љубишки се едни од тие кои добро работат и со младинци, сениори, кадети и пионери. Исто така во Брчко се организира голем ракометен турнир секоја година на кој учествуваат екипи од Европа и тоа е права можност за домашните ракометари да стекнат некое искуство”.

Еурофарм Пелистер 2 избори пласман во плеј-офот и со самото тоа амбициите на клубот се на едно повисоко ниво. Десниот бек од БиХ смета дека амбициите се остварливи, но исто така никогаш не се надевал дека ќе игра против поранешниот европски шампион Вардар, како и против Металург кој неколку години имаше успеси на европска сцена.

„Сметам дека амбициите кои ги има Еурофарм Пелистер 2 се остварливи бидејќи располага со квалитетна екипа. Иако е млад тим, сепак, има голем број на талентирани и квалитетни ракометари. Лигата во Македонија оваа година е на повисоко ниво и е една од најквалитетните на Балканот со оглед на фактот дека во овој дел ќе се игра против Вардар и Еурофарм Пелистер . Другите екипи се доста солидни и не се за потценување. Никогаш не сум се надевал дека ќе играм против овие две екипи од кои едниот тим е поранешен европски шампион. Тоа е еден предизвик за мене, одам напред и мислам дека ќе ја остварам својата цел. На почетокот имав малку трема, но со време се адаптирав. Во мојот матичен клуб исто така имаше и неколку ракометари од страна, па се водев по нив дека и тие поминаа добро, и јас би требало. Иако сум прв странец во Еурофарм Пелистер 2, сепак, со тек на време се чуствувам одлично и исто така сум добро прифатен од сите”.

Како ритуал пред натпревар, Петровиќ, најчесто слуша музика. Изјавува дека музиката го рекласира, но и покрај тоа, тремата е секогаш присутна кај него.

„Иако немам некој ритуали пред натпревар, најчесто слушам музика. Се обидувам да се релаксирам со музиката. Трема секогаш имам, без оглед кој е противник и дали натпреварот поминал добро или не. Со музиката најмногу се опуштам неколку часови пред натпревар”, рече Петровиќ за 24 Ракомет.

Ракометарот од БиХ прикажа солидни партии во контролните натпревари кои ги имаше Еурофарм Пелистер 2 во изминатиот период. Тоа беше доволно за да добие договор до крајот на оваа сезона, а вистински тест за Петровиќ ќе бидат натпреварите во плеј-офот. Дебито ќе го има во Купот на Македонија против составот на Јехона.

ОФИЦИЈАЛНО: Павле Петровиќ е новиот десен бек на Еурофарм Пелистер 2