Петровиќ: Вардар мислеше дека лесно ќе победи, ама ние…

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 во рамките од 9. коло од Супер лигата направија вистинска сензација со победата над актуелниот шампион на Македонија, Вардар. Момците на Александар Јовиќ заслужено ги освоија бодовите, но и сипмпатиите кај ракометната јавност.

Во победата од 27:26, одлична партија кај младите ракометари на вториот тим од Битола имаше интернационалецот од БиХ, Павле Петровиќ. Десниот бек речиси на сите натпревари е меѓу најефикасните во својата екипа, а против Вардар со своите четири гола даде свој придонес во големата победа. Освен головите, Петровиќ на синоќешниот дуел подели и неколку асистенции кон своите колеги.

„Многу е тешко да се очекува победа против еден тим кој беше европски шампион. Влеговме во игра со став дека одиме на победа, дадовме сѐ од себе и заслужено ги освоивме бодовите во Битола. Адреналинот беше голем, но сепак моравме да останеме максимално смирени, да бидеме фокусирани на самиот натпревар. Токму тоа ни помогна да излеземе како победници на тој дуел и секако големата поддршка од навивачите. Што се однесува до тимот на Вардар, мислам дека во игра влегоа со став дека лесно ќе победат и на самиот почеток промашија многу зицери, кои ги искористивме за да ја направиме предноста што ја одржавме до крајот на натпреварот“, изјави Петровиќ за 24 Ракомет.

По девет одиграни кола, Еурофарм Пелистер 2 се наоѓа на 4. позиција на табелата со 19 бодови. Според прикажаната игра, младиот тим на „фармацевтите“ со големи шанси може да се надева на плеј-оф.