Петрески: Ракометните центри заживеаја, РФМ треба да размисли лигата да остане проширена

Пред денешните дуели со кои се затвора есенската полусезона во Супер машката лига доаѓа уште едно размислување на тренер на тим од оваа лига кој уверува дека следната сезона најсилната лига одново би требала да биде побројна и да се задржат повеќето од тимовите кои се натпреваруваат.

Според стратегот на ГРК Тиквеш, Томче Петрески со добивањето на шанса на повеќето клубови да играат во Супер лигата дел од ракометните центри во Македонија заживеале и почнало да се вложува многу повеќе.

Сепак, според него ова може да се продолжи на вакво ниво само доколку се остане во ист ранг. Тој верува дека клубовите би добиле повеќе можност односно при продолжиле да играат во најсилното друштво и би се потрудиле и понатаму да имаат квалитетни тимови.

„Благодарение на одлуката на Ракометната федерација на Македонија поради ситуацијата со коронавирусот во Супер лигата влегоа шест екипи од Првата лига и на тој начин одново заживеаја центрите во Македонија кои беа згаснати. На сите ни беше потребно ова и жално ќе биде некој од овие тимови да испадне на крајот од сезоната од Супер лигата“, коментираше Петрески за 24 Ракомет.

Тој вели дека најдобро би било да испаднат само две екипи.

„Сметам дека би било добро да испаднат само две екипи бидејќи така би се овозможило центрите да продолжат да живеат. Ова е сезона која е многу тешка поради ситуацијата со коронавирусот и затоа би било добро да се овозможи екипите да добијат уште една сезона во проширен состав“.

Според него во сезоната 2021/22 со враќањето на Вардар и на Еурофарм Пелистер лигата би добила на уште поголема тежина и би било уште поинтересно така што тогаш би имало и многу повеќе привлечност и за публиката за која се верува дека тогаш ќе може назад во салите.

„Се надевам дека овие идеи кои ги делат и други тренери ќе бидат послушани и дека ќе биде донесена одлука со која ќе се овозможи останување на поголемиот дел во Супер лигата. Знам каква е нашата култура и размислувањата. Доколку испаднат шест екипи како што е предвидено тогаш ќе биде многу тешко. Постои можност одново центрите кои сега заживеаја да се најдат во тешка ситуација. Се гледа дека сезонава сите се трудат да одржат ниво. Затоа сметам дека е најдобро и следната година да има ваква лига која ќе биде и поквалитетна со вклучувањата на Вардар и на Еурофарм Пелистер. Верувам дека така ќе има и уште поголема заинтересираност“.

Петрески има свое гледање и на бројот на странците кои тимовите можат да ги ангажираат.

„Уште еден проблем според мене е ограничувњето со странците. Сметам дека кој има можност и кој смета дека му требаат поквалитетни играчи треба да го искористи капацитетот. Пазарот да биде отворен и да зема што му е потребно. Имаме голем број на екипи, но немаме доволно квалитетни играчи од Македонија, а секој тим сака да биде колку може подобар во најдобрата лига“, коментираше Петрески за 24 Ракомет.

Ова е веќе втор тренер кој јавно го искажа своето размислување дека треба одново да се направи преседан и да се дозволи поголем број на тимови во Супер лигата. Сепак, останува да се види и како ќе тече целата сезона и целата ситуација пред да се каже нешто повеќе по оваа тема.