Перфектна дебитантска сезона на Скопје, Будимир горда на своите момци

Андријана Будимир како тренер расте заедно со нејзината екипа. Приказната започнува пред пет години кога како дел од Академијата на Вардар таа добива селекција од 11-годишни момчиња, кои денеска се натпреваруваат во Првата лига како клуб „Скопје“.

Во дебитантската сезона имаат „седум од седум“ победи и веќе обезбеден плеј-оф за бараж за место во Суперлигата.

„Екипата на Скопје е просек од 17-18-годишни момчиња, кои се со мене веќе шестта година. Многу време и труд, и пот, и жртви се вложени во оваа екипа. За мене не беше изненадување што победивме на сите натпревари досега. Не сакам да звучам надмено, но мислев дека ќе биде малку потешко. Не ги знаев противниците и за некои екипи мислев дека се посилни, но имам толку верба во својот тим. Млади се, можат да трчаат, имаат одлична физичка подготовка, Аце Станковски перфектно работи на тоа поле, а истовремено играат и модерен, брз ракомет. Нашите напади не траат повеќе од 10-20 секунди и играме современа одбрана, која ја играат екипи од ЛШ. Очигледно другите екипи не можеа да се снајдат. Моите играчи од мали се учени да играат врвен ракомет. Тоа ми е и желбата како тренер… Еден ден да седам пред телевизор и да велам ова е мој играч, ова е мој играч. А, мислам дека имам неколку од нив кои имаат реален потенцијал да станат играчи. Ние ќе дадеме се од себе сезоната да ја завршиме на првото место во Прва лига, иако РФМ направи таков систем и нема да можеме директно да влеземе во Суперлигата. И да играме бараж, ние ќе се бориме, но мора да бидеме реални дека не можеме да се носиме со екипа од Суперлига во овој момент. Не сакам прерано да ги фрлам во оган. Добро е за искуство што играат со повозрасни играчи и ’јадат ќотек’, но мислам дека има уште многу за играње, ќе видиме што ќе биде.“

Интервјуто со Андријана Будимир прочитајте го подолу…

ИНТЕРВЈУ АНДРИЈАНА БУДИМИР: Сакам како селектор на машка репрезентација да освојам медал на големо натпреварување