Пелистер парираше, но Куманово освои цел плен во Битола

Ракометарките на Куманово на гостувањето во Битола кај Пелистер не дозволија домаќинот да направи изненадување, триумфираа со 32:28, во натпревар од последното, 14. коло во Женската лига. И двете екипи од поодамна имаат обезбедено пласман во плеј-оф фазата, која ќе стартува по завршувањето на регуларниот дел, односно во текот на месец март.

Ракометарките на Адријано Котевски пружија отпор и беа достоен ривал, но тоа не беше доволно за поволен резултат на битолскиот тим. По нерешените 3:3 во воведниот дел, гостинките со серија од 4:0 се одлепија на 7:3 и до крајот беа во резултатска предност. Куманово во првите 30 минути водеше со четири до пет гола разлика и на пауза замина со активен резултат од 18:15.

Во продолжението Пелистер се обиде да направи камбек, во неколку наврати заостануваше на еден гол, но секогаш кога требаше целосно да се врати во игра, не успеваше да дојде до реализација. Ракометарките на Драгана Ристова во финишот се одлепија на 30:26 и рутински ја завршија денешната задача во Битола.

Најефикасни во победничката екипа со по десет гола беа Габриела Величковска и интернационалката од Бразил, Андреза Алмеида. Кај Пелистер листата на стрелци беше предводена од екс репрезентативката на Франција, Мари Франсоа, која запиша девет гола, додека шест додаде Кристина Наумовска.