Пелистерци стартуваа со пораз во СЕХА лигата!

Екипата на Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај составот на Војводина со 29-24 во првото коло од новата сезона во регионалната СЕХА лига. Пелистерци потфрлија во второто полувреме, во кое Војводина дојде до поубедлива предност и рутински ја одработи денешната задача. За екипата на Војводина денешната победа против Еурофарм Пелистер беше втора, откако во првото коло успеа да го совлада Нексе Нашице.

Ракометарите на Војводина го стартуваа сехалигашкиот дуел со водство од 1:0, откако битолскиот тим во првиот напад не успеа да реализира. Пелистерци првиот гол го постигнаа дури во 5-та минута за изедначување на резултатот на 1:1, а минута подоцна Ојлески беше прецизен од контра за преземање на водството на 2:1, но домаќините преку Милан Милиќ бргу вратија и изедначија на 2:2.

Следуваше период, во кој двете екипи постигнаа по два гола, па така резултатот по осум минути игра беше 4:4. Еурофарм Пелистер во еден момент остана без двајца играчи, исклучени беа Костески и Кукоски, но тоа не беше никаков проблем за избраниците на Ларс Валтер, кои не дозволија домаќинот да направи поголема предност од еден гол.

Откако резултатот беше 6:6, составот на Војводина со поддршка од голманот Арсениќ, успеа кон средината на првото полувреме да направи исчекор и да се одлепи на 10:6. Валтер во 18 минута мораше да побара тајм-аут, со цел неговите ракометари да излезат од кризата и да фатат приклучок во дуелот со актуелниот шампион на Србија.

Серијата од 4:0 на Војводина беше прекината со голот на средниот бек Танкоски, кој намали на 10:7. Војводина одржуваше дистанца од три до четири гола разлика пред финишот и нејзиното водство од 14:10, следуваше камбек на ракометарите на македонскиот вицепрвак, кој со серија од 4:0 дојде до конечно израмнување на резултатот, 14:14.

Вториот дел започна со два брзи гола на Војводина, која дојде до водство од 16:14, а во 35 минута повторно дојде до четири гола разлика, 19:15. Еурофарм Пелистер вториот гол во вторите 30 минути го постигна преку расположениот Костески, кој за момент намали на 19:16 во 37-та минута.

Ракометарите на Ројевиќ со серија од 3:0 во 40 минута се одлепија на највисоките дотогаш ,,плус шест” и водство од 22:16. Веќе во тој момент беше јасно дека ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе имаат тешка задача за камбек. Војводина играше одлично во одбраната и во 45 минута дојде до 25:18. Во последните десет минути немаше поголема промена на резултатот, тимот на Еурофарм Пелистер бркаше негатива од пет до шест гола негатива и до крајот не успеа да се избори за поблаг пораз.

Најефикасни во победничката екипа со по четири погодоци беа Милан Милиќ, Лука Роган и Борис Пуховски. Голманот на Војводина Лука Арсениќ натпреварот го заврши со 13 интервенции. Кај Еурофарм Пелистер се истакна Ненад Костески со седум погодоци. Урбан Лесјак имаше седум интервенции, додека Марко Кизиќ во дадената минутажа забележа шест одбрани.